Шлем (хералдика)
Шлем — елемент на грбот кој стои над штитот и на себе има венец и челенка. Стилот на шлемот зависи од рангот и општествениот статус. Низ вековите се развиле три стилови на шлемови, во чекор со развојот на фактичките воени шлемови.[1][2] Во извесни земји, особено во Германија и нордиските земји, на еден грб може да стојат два, три, па и повеќе шлемови. Секој од нив претставува тимар (земјовладение) на благородникот. Поради ова, шлемовите и челенките кај германските и нордиските грбови играат суштинска улога во грбот и никогаш не се претставуваат одделно од нив.
Шлемовите со отворен визир или со решетка се резервирани за највисоките чинови во бладородништвото, додека пак благородниците без титула и граѓаните добиваат затворени шлемови.[2] Иако оваа класификација се одржила низ вековите, конкретниот облик на шлемовите зависи од периодот.[2] Еволуцијата на овие хералдички шлемови всушност ја прикажува еволуцијата на шлемовите за борба и турнири во средниот век. Меѓутоа обичајот на прикажување на ранг со решеткаст или отворен шлем се појавил дури во 1615 г.,[3], долго време по појавувањето на хералдиката. Подоцна во витешките двобои копјето било заменето со боздоган, и сега целта била да се собори челенката од шлемот на противникот. Така наполно затворените шлемови биле заменети со шлемови со поголем визир и само неколку решетки за заштита на лицето. Следствено на тоа, ваквите решеткасти шлемови во хералдиката имале право да ги користат благородниците и извесни доктори по право и теологија, додека пак двобојниот затворен шлем можел да го користи секој.[4] Во подоцнежната литература стои дека правецот во кој е свртем шлемот и бројот на решетки имале посебно значење, но ова всушност не било така во историјата.[5] Во Прусија, кралевите започнале за своите грбови да употребуваат златен шлем кој гледа во набљудувачот со подигнат визор, крунисан со кралска круна.[5] Во црковната хералдика пак, наместо шлем, епископите и други свештеници користеле митра или друга црковна капа соодветна на нивниот ранг.[6]
Меѓутоа историски, шлемот не бил доделуван заедно со хералдичкото достигнување, туку грбоносецот го додавал сам како природно право кое произледува од неговиот ранг. Така, шлемот со венец и мантија не би бил грешен дури и врз штит кој нема челенка за да стои врз него.[7] Кога треба да се прикажат повеќе челенки, долгата традиција на англиската хералдика диктира дека сите челенки треба да се нацртаат над еден единствен шлем, одвоени од него. Во германската хералдика пак, каде повеќекратните челенки се честа појава на грбови по XVI век, секоја челенка се третира посебно на свој шлем, и свтена во согласност со насоката на шлемот.[8] Во континентална Европа повеќекратните шлемови се свртени навнатре, а само средишнот шлем (ако нивниот број е непарен) гледа кон посматрачот. Во скандинавската хералдика шлемовите гледаат нанадвор.[9] Грбот на последните маркгрофови на кнежевството Бранденбург-Ансбах се состои од штит со 21 составен грб, овенчан со рекордни 15 шлемови и челенки.[10]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Отворен или решеткаст шлем, резервиран за благородништвото
-
Затворен или издаден шлем, за граѓански грбови
-
Митра наместо шлем за епископи
-
Капа (и празен штит) на грбот на свештеник
Белешки
[уреди | уреди извор]„Шлем (хералдика)“ на Ризницата ? |
- ↑ Woodcock (1988), стр. 202.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Fox-Davies (1909), стр. 303.
- ↑ Fox-Davies (1909), стр. 319.
- ↑ Neubecker (1976), стр. 148, 162.
- ↑ 5,0 5,1 Neubecker (1976), стр. 148.
- ↑ Woodcock (1988), стр. 75.
- ↑ Fox-Davies (1909), стр. 58.
- ↑ Fox-Davies (1909), стр. 322-323.
- ↑ Fox-Davies (1909), стр. 323.
- ↑ Neubecker (1976), стр. 165.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Fox-Davies, Arthur Charles; Graham Johnston (1909, 2004). A Complete Guide to Heraldry. Kessinger Publishing. ISBN 1-4179-0630-8
- Neubecker, Ottfried (1976). Heraldry: Sources, Symbols and Meaning. Maidenhead, England: McGraw-Hill. ISBN 0-07-046308-5
- Woodcock, Thomas; John Martin Robinson (1988). The Oxford Guide to Heraldry. New York: Oxford University Press. ISBN 0-19-211658-4